Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска имаше средба со новиот амбасадор на Јапонија, Казуја Отсука на која станало збор за билатералните односи меѓу двете земји и за можностите за понатамошно продлабочување, за политичката ситуација во земјата, важноста на регионалната стабилност и патот на Северна Македонија кон европската интеграција.

Како што се наведува во соопштението од Министерството за политички систем, Груби се заблагодарил за досегашната поддршка од Јапонија во реализацијата на многу важни проекти преку донации и ја изразил важноста на оваа поддршка за прогресивниот развој на земјата.

Тој го информирал јапонскиот амбасадор и за актуелната политичка ситуација во земјата, напредокот што земјата го постигна на европското патување со отворањето на преговорите за интеграција во Европската Унија, посветеноста во спроведување на реформскиот процес, усвојувањето на уставните измени, ветингот и борбата против криминалот и корупцијата.

Јапонскиот амбасадор Отсука ја изразил конзистентната поддршка на неговата земја за одржливиот развој на Северна Македонија, напорите за прогресивно реформирање и интеграцијата во Европската Унија, се посочува во соопштението.