Вицепремиерот Артан Груби во емисијата „Клик плус” на ТВ21 изјави дека за уставните измени ќе успеат да ги обезбедат гласовите уште на 6 пратеници од македонската опозиција, кои недостигаат за двотретинско мнозинство. Груби рече дека во моментов 74 пратеници во Собранието се „за” уставните измени.

„Шестмината ќе ги најдеме во проевропскиот дел на опозицијата, каде тој европски дух е во растеж и тоа е очигледно. На кого мислам? На македонската опозиција. Дали мислам на пратеници на ВМРО? Македонската опозиција не е само ВМРО. Мислите дали ќе добиеме гласови и од Левица? Па таму во опозицијата имате и други политички партии во рамките на ВМРО-ДПМНЕ. Ја имате Социјалистичката партија, ја имате српската партија, ја имате ромската партија, имате други партии, има и независни пратеници”, рече меѓу другото Груби.

На прашањето дали со оставката на Горан Милевски од министерска функција се отвори патот и за мала реконструкција на Владата, Груби одрекува:

„До овој момент не сум запознаен дека ќе има некаква реконструкција на владата освен оставката на Горан Милевски. Немало разговори во владата за такво нешто. Нема планирани промени, не само во владата туку и на директорските места”, изјави Груби.