Европската унија нема друга алтернатива освен итно интегрирање на регионот. Јасната перспектива за членство во ЕУ е од суштинско значење за стабилноста на регионот, затоа проширувањето мора да се изврши веднаш, без одлагање и без никакви двоумења, порача првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, денеска во Тирана каде присуствува на конгресот на Социјалистичката партија, а пренесува Радио Слободна Европа на македонски јазик.

„Колку е подалеку Брисел, толку е поблиску Москва. Колку помалку Европа на Балканот, толку повеќе простор за Русија. Украина не е далеку и сите ги чувствуваме последиците“, истакна Груби.

Потенцира дека солидарноста денеска со Украина несомнено значи интеграција без ниту едно одложување на Албанија и Северна Македонија, заедно, неразделни.

„Несомнено, надворешната политика, односите со Европа, безбедноста и меѓусебните односи на земјите од Југоисточна Европа, се акутни теми за кои со последните настани во Источна Европа треба да се мултиплицираат активностите и да се третираат овие прашања повнимателно од кога било. По интензивната соработка меѓу нашите политички сили во рамките на Западен Балкан, единствена цел има да се отстранат дисонансите за неспорната цел кон патот или патеките кои ќе не водат до заедничката цел, интеграцијата во ЕУ и НАТО. Обединетиот глас на Албанците од Западен Балкан треба да биде столбот на евро-американскиот дух на нашиот регион, со конститутивни и суштински пристапи во обликувањето на стратешките приоритети на нашите земји за регионот и за претставувањето на регионот во политиките на целосната интеграција“, рече Груби.