Првиот вицепремиер Артан Груби од ДУИ денеска изјави дека по средбата Заев – Гаши, тој имал долг разговор со премиерот, но нагласува дека не се разговарало за кадровски прашања поврзани со евентуален влез на Алтернатива во Владата. Груби вели дека се согласиле оти во парламентарното мнозинство се добредојдени сите партии кои се за решенија кои ќе овозможат почеток на преговорите со ЕУ.

Не сме разговарале за кадровски прашања или за поделба на ресорите меѓу политичките партии.  рече Груби на прашањето дали по средбата на премиерот Зоран Заев со лидерот на Алтернатива Африм Гаши се отвориле такви прашања меѓу водечките партии во Владата – СДСМ и ДУИ.

„Вчера имав долг разговор со премиерот Заев за средбата што ја имал со Алтернатива, денеска ќе имаме нова средба во врска со случувањата со новото парламентарно мнозинство. Оценивме дека сите политички партии кои се свесни за важноста на процесот за европска интеграција на Северна Македонија, ќе мора да бидат конструктивни и се добредојдени да станат дел од парламентарното мнозинство. Потребно е земјава да продолжи со реформите и со преговорите со нашиот сосед Бугарија, со цел да се добие датум од Европската Унија”, изјави меѓу другото Груби.