Пет месеци пред локалните избори, почнаа обвинувањата за тоа кој работел, а кој не. Артан Груби од ДУИ рече дека ниедна друга општина нема толку многу потреба од промени како Гостивар,поради лошото менаџирање.
„Ниедна друга општина нема толку потреба од промени како Гостивар поради лошото менаџирање во овие 4 последни години и гледаме секојдневни барања на секој граѓанин од Гостивар за да се направи потребната промена и за враќање на потребниот пат. А тоа е патот на просперитетот, на менаџирањето на општината од потребните луѓе, од потребниот субјект и некој кој ќе се посвети 100% на Гостивар бидејќи Гостивар тоа го заслужува“, рече Груби.
Телефонски за ТВ21, градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари не сакаше да ја коментира изјавата на Груби додавајќи дека врз основа на анкетите се гледа кој работел. Но Таравари не мисли како Груби, тој во Клик Плус дури изјави дека работел подобро од сите други општини со кои раководи ДУИ.
„Не не’ споредувајте само со Тетово. Соберете 4, 5 општини, Чаир, Тетово, Дебар, Кичево, Струга, и споредете ги со работите што се направени во Гостивар бидејќи не сакаме само со една општина да се споредуваме.“, изјави Таравари.
Инаку локалните избори се очекува да се одржат во октомври оваа година. Иако има уште околу 5 месеци до тогаш, како што се чини изборната кампања полека започнува.