Брачна двојка од Бугарија по којa трагала полицијата поради криумчарење новороденчиња во Грција, е уапсена во Германија и наскоро ќе бидат екстрадирани, соопшти во средата државното обвинителство во Софија.
По осомничените сопружници во февруари годинава бил издаден европски налог за апсење поради „сомневање за учество во организирана криминална група која на грчката територија криумчарела новороденчиња“, се наведува во соопштението.
Мажот и жената, чиј син веќе е притворен во Бугарија, биле уапсени на 29-ти април во градот Ноекирхен, на југозападот на Германија. Бугарското државно обвинителство не ја наведува причината за нивниот престој во Германија, но истакнува дека на сите тројца им се закануваат затворски казни во траење од 5 до 15 години.
Осомничени се дека од 2015 година врбувале трудници од сиромашни средини со ветување дека ќе добијат 2.500 до 3.500 евра. Потоа ги носеле и сметувале во стан во Атина пред породувањето.
-Неколку дена по породувањето децата им ги продавале на локални криумчари кои навјеројатно припаѓале на меѓународна мрежа за нелегално тргување со новороденчиња. Утврден е идентитетот на девет жени, сите од сиромашни средини, чии деца се родени и продадени во Грција, се наведува во соопштението на бугарското обвинителство.