Крај на пандемијата не се вакцините туку самиот процес на вакцинација, рече претседателката на Националниот комитетот за имунизација проф. д-р Александра Грозданова која учествуваше на денешната Трибина на тема „Вакцинација и предизвици со Ковид-19“ заедно со министерот за здравство д-р Венко Филипче, проф. д-р Драган Даниловски епидемиолог и проф. д-р Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија и хумана генетика.
Грозданова очекува дека во текот на летото ќе се аплицира доволен број на вакцини да доколку во есенските месеци се јави одредена промена на епидемиолошката состојба да бидеме спремни и индивидуално но и општествено.
„Соочувајќи се со нов бран всушност сој на делта вирусот верувам дека сите уште посвесни ќе станеме дека единствен начин да заврши оваа пандемија е што помасовна вакцинација. Ова е одличен период кога бројките на заболени се намалени и достапноста на вакцините е големо за да може населението да дојде и да се вакцинира. Така што еден јавен апел до сите без размислување најпрво да го пријават својот интерес затоа што тоа е наједноставниот начин да се добие терминот за вакцинација и потоа нормално да се вакцинираат“ – рече Грозданова.
Грозданова објасни дека кинеските вакцини „Синовак“ и “Синофарм“ претставуваат класични вакцини каде е инјектиран ослабен вирус односно технологија за добивање вакцини која се користи децении и е многу позната. Оттука вели Грозданова кај широката популација можеби се доживува како една од најбезбедните платформи во однос на новите вакцини како што беа РНА вакцините. Во однос на возрасна на којашто се дава, Грозданова рече дека нема ограничување и дека во Кина се аплицира и кај деца над 3 возраст, а во нашиот случај ќе се користи над 18г и без ограничување на возраста кај возрасните лица. Вакцината се препорачува кај доилки и трудници за разлика од руската „Спутник„ која што е јасно контраиндицирана за трудници и долки.
„Вакцината е доста безбедна и ефикасноста се движи помеѓу 56 и 78%. Истата е препорачана од страна на СЗО и веќе неколку земји во светот ја користат. Очекуваме и интересот на граѓаните особено по појавувањето на делта сојот односно индискиот сој да се зголеми. Втората доза се дава помеѓу 14 и 28 дена и во нашите протоколи ќе биде избран 21 ден односно на три недели ќе се аплицира втората доза“ – потенцираше Грозданова.
Прележувањето на Ковид -19 обезбедува имунитет најмалку од шест па и девет месеци па оттука на лицата коишто ја прележале болеста им се препорачува вакцинација најрано три месеци по прележувањето односно по комплетното нивно оздравување – заврши Грозданова.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.