Владко Грозданов, натпартиски кандидат за градоначалник на Општина Кочани поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, денес одржа прес-конференција на која најави голем инвестициски план за развој на Кочани.

„Ветуваме 100 милиони евра капитални инвестиции за Кочани – инвестиции за иднината на нашите деца, за подобар живот и посилен регион,“ истакна Грозданов, во присуство на координаторот на Владата за Кочани, Марија Митева.

Средствата, како што нагласи, ќе бидат насочени исклучиво во инфраструктура и капитални проекти, во соработка со меѓународни партнери, а не станува збор за редовни буџетски трансфери.

Грозданов најави реконструкција и модернизација на кочанската болница со нова медицинска опрема, нови одделенија и подобри услови за вработените.

Во делот на спортот, културата и младите, тој најави изградба на затворен базен, како и нови спортски сали достапни за сите граѓани и спортски клубови, со цел поттикнување на здрав и активен начин на живот.

„Крупните капитални проекти ќе се реализираат во патна, комунална и урбана инфраструктура – нови патишта, канализациони и водоводни системи, уредување на градскиот простор. Со тоа ќе се отворат нови работни места и ќе се поттикне локалната економија,“ рече Грозданов.

Тој порача дека со овие инвестиции Кочани ќе стане центар на источниот регион:

„Кочани веќе нема да биде на маргините. Со овој план, градот ќе биде во фокусот на државните и меѓународните инвестиции – пример за тоа како една општина може да се развива со чесност, визија, стратегија и партнерство.“

Текстот Грозданов: Ќе се реконструира кочанската болница, ќе изградиме затворен базен, а ќе инвестираме и во нови патишта и водоводни системи е превземен од МАКФАКС.