Сведоци сме дека состојбата во Кочани полека но сигурно ескалира. Оправданиот револт на потесните и пошироките семејства на починатите и повредените е повеќе од оправдан. Големата болка на родителите се искажува преку тешки зборови упатени до претставниците на власта и уште потешки квалификации на апологетите на актуелната владејачка гарнитура, велат од ГРОМ.

Според партијата, Владата не се снашла најсоодветно со трагедијата и не е спремна да понесе политичка одговорност, да направи обид да ги смири тензиите и да најде начин да ја ублажи болката на семејствата.

„Затоа ГРОМ смета дека е потребно друга влада која ќе има повеќе разбирање за болката на овие наши граѓани. Предлагаме актуелните владетели да се обидат да придонесат кон деескалација на состојбите, и тоа Владата на Република Македонија предводена од Христијан Мицкоски веднаш да си поднесе неотповиклива оставка и ВМРО-ДПМНЕ да даде нов мандатар за состав на Влад. Новата Влада на Р. Македонија да донесе одлука со која на секое семејство од загинатите ќе им исплати 500.000 евра како мал надомест за големата болка и затоа што дел од родителите не се ни способни веќе за работен ангажман“, велат од ГРОМ.

Партијата предлага повредените лица од пожарот од дискотеката Пулс да се поделат во три категории согласно лекарските наоди и лицата со тешки и трајни оштетувања да добијат исто така по 500.000 евра и секоја година до крајот на животот, министерството за труд и социјална политика да им исплаќа по 30.000 евра, заради трајните животни последици и нивната неспособност за функционирање.

Во втората група да влезат лица со умерени оштетувања за кои ќе има потреба од подолгорочна рехабилитација и хируршки интервенции, да им се исплатат по 300.000 евра еднократно и до крај на животот да примаат по 15.000 евра годишно.

Лицата со лесни оштетувања кои биле болнички хоспитализирани, да им се исплати по 100.000 евра и наредните 3 години по 10.000 илјади евра како надомест за потребни рехабилитации.

Во исто време сите овие граѓани да имаат право да отворат судска постапка пред граѓанскиот суд доколку се незадоволни од обесштетувањето од страна на државата.

ГРОМ бара и Обвинителството и надлежните судски институции да продолжат со гонење и да дадат ефективна завршница на директно одговорните за овој страшен настан.

„За жал одговорноста за овој проблем, владата до сега се обидува само да го персонализира, без да преземе одговорност, но ако владата е неодговорна, државата мора да биде на ниво кон секој граѓанин кој го изгубил животот или има трајни последици како резултат на неодговорното функционирање токму на институциите кои ја претставуваат државата“, велат од ГРОМ.