Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска го посети Државниот пазарен инспекторат каде имаше средба со директорката Анета Симеска-Димоска, со која разговараше за можностите за подобрување на капацитетите и ефикасноста на инспекциските служби.
Како што информира владината прес-служба, вицепремиерката Грковска оцени дека ефикасното функционирање на инспекциските служби е важен сегмент во делот на одговорно и отчетно владеење и нагласи дека за таа цел нејзиниот Кабинет е во директна и редовна комуникација со Инспекцискиот совет и сите инспекциски служби.
-Таа додаде дека заштитата на потрошувачите и почитувањето на законите од страна на правните субјекти е приоритетна задача на Државниот пазарен инспекторат и затоа неговото функционирање мора да биде ефикасно и во интерес на граѓаните, информира прес-службата.
Директорката Симеска-Димоска нагласи дека Државниот пазарен инспекторат има најголема тежина во однос на содржината и активностите кои ги реализира и затоа мора постојано да се подобруваат нивните капацитети.
– Квалитетот на производите што се нудат на пазарот е важен и затоа, информираше директорката Симеска-Димоска, Државниот пазарен инспекторат прави редовни испитувања, меѓу кои и на квалитетот на мазутот, квалитетот на горивата, како и на квлатитетот на градежни производи, се наведува во соопштението.
Вицепремиерката Грковска кажа дека предуслов за зголемување на ефикасноста на инспекциските служби е да се имплементира дигитализацијата, која во многу сегменти ќе го унапреди функционирањето и координираниот пристап во контролата на правните субјекти.