Законот за потекло на имот ќе се донесува внимателно затоа што областа е осетлива и треба да се слушнат мислења за различни аспекти за да бидеме сигурни дека имаме одржливо решение кое може да се имплементира, изјави Славица Грковска, заменик-претседателка на Владата задолжена за политики за добро владеење.
Во гостување во Дневникот на ТВ Сител таа рече дека во ресорот што го води наследила изработка на законот, во соработка со Советот на Европа, и дека во работната група има повеќе институции кои практично треба да го спроведуваат.
-Станува збор за обид за креирање закон за потекло на имот вон кривична постапка. Тоа што ми е важно во креирањето политики е да бидат внимателни, долго одржливи решенија коишто ќе бидат апликативни. Нам не ни треба само уште едно законско решение кое може да има преклопување со други законски решенија, кое може да биде дополнително извор за корупција, па сакајќи од еден аспект да решиме една корупција, да произведеме систем кој ќе предизвикува десет други. Затоа на мојата прва средба со работната група ги кажав моите забелешки на законот, затоа што недостигаше превентивниот дел – дека граѓаните треба да бидат свесни дека треба да бидат насочени кон легално стекнување на имотот затоа што во секој момент би можело не само да им биде одземен, туку не смее да биде алатка на некого за рекетирање и да уценува некого, рече Грковска.
Не прецизираше кога може да се очекува донесувањето на законот кој, рече, ќе да оди на широки јавни расправи, не само во Собранието. Притоа напомна дека и со сегашната легислатива може да се постапува против функционер кој нелегално или несоодветно стекнал имот.
Таа се осврна и на чекорите што се преземаат во борбата со корупцијата и рече дека добар механизам ќе биде дигиталната трансформација и антикорупциски проекти, како е-инспектор, најпрво како пилот-проект во три инспекторати, електронска можност за пријавување поплаки за несовесно однесување на институции, а ќе се фокусираат и на креирање на основната дигитална алатка – електронска лична карта која ќе биде своевиден дигитален потпис во користењето на е-услугите.
-Механизмите кои ги даваат дигиталните алатки овозможуваат јавна администрација која ќе биде поефикасна во опслужување на граѓаните и во таков случај физичкиот контакт помеѓу барателот на услугата и оној кој ја дава услугата е сведен на минимум, а на тој начин е сведена на минимум и можноста некој да побара и во исто време некој да се согласи да даде или да понуди корупција. Да немаме илузии дека ќе ја сведеме корупцијата на нула. Таа појава постои и во високоразвиените земји, но факт е дека една од добрите алатки која е дел од добрите политики владеење, рече вицепремиерката Грковска.