Дигитална трансформација на општеството, ефикасни антикорупциски политики, како и професионално, одговорно и отчетно работење на институциите се клучни приоритети на кои интензивно работи заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
Во првите 100 дена од новата Влада во соработка со граѓанскиот сектор, Владата ги задолжи сите буџетски корисници на своите веб-страници да објавуваат податоци за спроведените јавни набавки, сите податоци околу јавните набавки, како и нивните планови за јавни набавки. На овој начин јавноста ќе има брз, лесен, едноставен и разбирлив пристап до информациите за начинот на којшто институциите ги трошат буџетските средства преку јавните набавки, со што се овозможува поголема контрола и отчетност при трошењето на јавните средства.
Истовремено, изграден е партнерски однос и континуирана соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, Бирото за јавни набавки, како и со граѓанскиот сектор со кои заеднички ги детектираме слабостите на системот и изнаоѓаме решенија.
Овозможена е одржливост, како и можност за унапредување на алатката е-инспектор. Кодот за софтверот на оваа алатка е предаден во сопственост на Инспекцискиот совет. Со тоа се отвора можноста за имплементирање на оваа алатка во останатите 13 инспекторати. Преку проширениот опфат на инспекциски служби кои ја користат алатката е-инспектор значително го елиминираме човечкиот фактор и субјективниот пристап при инспекциските надзори и контроли, на тој начин што процесот на распределба на надзорите и контролите ќе биде електронски, со што човечкиот фактор е целосно изземен. Софтверот, врз основа на базата на податоци, автоматски ги определува субјектите на високо, средно и ниско ризични и автоматски ќе планира надзори кај високо ризичните субјекти.
Со цел да се ослободи стопанскиот сектор од дополнителни обврски Владата го укина Националниот совет за информациски и комуникациски технологии, со што приватните компании слободно одлучуваат за набавка на информатичка технологија.
За да се обезбедат лесно достапни, брзи и ефикасни електронски услуги Владата во согласност со Законот за електронско управување и електронски услуги ги задолжи органите на државната управа на разбирлив и јасен начин за обичниот граѓанин, да ги ажурираат податоците за постојните, но и за новите услуги што ги даваат на граѓаните во Каталогот на услуги на Националниот Портал за електронски услуги.
Владата интензивно работи на дигитализација на општеството, за што е во тесна соработка со експерти од Естонија, кои со поддршка на САД се директно вклучени во овој процес.