Благодарност за севкупната поддршка од UN Women за активностите на Кабинетот за политики за добро владеење, особено во поглед на антикорупциските политики и јакнењето на улогата на жените во борбата со негативните појави во општеството, изразила вицепремиерката Славица Грковска на денешната средба со Елиса Фернандез Саенз, заменик-регионална директорка на UN Women за Европа и Централна Азија, на која присуствувала и раководителката на Канцеларијата на оваа организација во државава Весна Ивановиќ Кастаред.

Грковска нагласила дека е важно политиките кои се креираат да бидат долгорочни и одржливи, бидејќи само на тој начин може да се постигнат видливи и ефикасни резултати.

– Вицепремиерката го истакна големиот придонес на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија во воспоставувањето на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, како регионална иницијатива за вмрежување на жените и младите од регионот, размена на искуства и заемна поддршка во напорите да се изгради подобро општество за сите, со вградување на принципите на еднаквост, интегритет и одговорност, информираат од Кабинетот за вицепремиерката за политики за добро владеење.

Саенз ја поздравила иницијативата на вицепремиерката Грковска, нагласувајќи дека е многу добра идејата да се формира мрежа на жени со слични ставови, односно да се изгради критична маса на женско лидерство кое води напред. Двете соговорнички се договориле да ја продлабочат соработката околу оваа инцијатива и да ја поврзат со слични мрежи во светот, со цел да се зајакне и да се даде поголема видливост и гласност на целиот процес.

-Тие се согласија дека е важно да се креираат политики и законска регулатива во насока на унапредување на позицијата на жените во сите сфери на општеството, но дека исто така е важно да се создадат ефикасни механизми кои ќе ја следат имплементацијата на усвоените политики, велат од Кабинетот на вицепремиерката.

Грковска и Саенз го отвориле и прашањето за корупцијата во спортот од родов аспект и се согласиле околу понатамошна соработка на интерсекторските теми каде се поврзуваат родовата еднаквост, младите и корупцијата, затоа што, како што било истакнато на средбата, жените и младите се носители на општествените промени и развој.