Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во рамките на посетата на Советот на Европа, денеска имаше средба со Клаудиа Лучиани, директорка на Дирекцијата за човечко достоинство, еднаквост и владеење, со која разговараа за можностите за продлабочување на меѓусебната соработка особено во однос на имплементирање на принципите на добро владеење.
 Грковска ја претставила нејзината иницијатива во Република Северна Македонија, со поддршка на Советот на Европа да се формира регионален Центар за добро владеење кој ќе овозможи да се унапредат капацитетите за добро владеење на администрацијата, јавните институции, граѓанскиот сектор, но и во јавноста генерално.
Ваквиот Центар, како што се вели во денешното соопштение, би бил сличен на Центарот за експертиза на Советот на Европа, и за локалните, централните, но и за регионалните власти ќе обезбеди програми за јакнење на капацитетите, како и експертиза и развој на политики.
 Директорката Лучиани оценила дека ова е одлична можност за унапредување на меѓусебната соработка и оти ваков Центар може да даде сериозен придонес во унапредување на капацитетите на институциите. Таа истакнала дека овој Центар ќе овозможи промоција на принципите за добро владеење и јакнење на свесноста за нив.
 На состанокот присуствувал и Дан Попеску, шеф на Одделот за демократија и владеење, со кој конкретно се разговараше за модалитетите на идната соработка.