Дезинформациите, лажните вести и говорот на омраза како и сајбер безбедноста се дел од хибридните закани и опасности со кои се соочуваме. Во борбата против манипулацијата со лажни вести, пристапот во кој се вклучени сите чинители е единствениот кој може да даде резултати за да ги заштитиме нашите граѓани, нашите земји, но и демократските придобивки, истакна денеска вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска за време на отворањето на приемот по повод Денот на ОН во Скопје.
Таа потенцираше дека лагите со кои се демонизира одредена општествена група, а кои се споделени во виртуелниот простор, честопати резултираат со нанесени штети во физичкиот простор.
-Сериозноста на овие прашања, особено кога им се осврнуваме од аспект на човековите права, е навистина длабока. Од брутална дискриминација и прекршени основни права, маргинализација, се до насилни дела сторени од омраза, па и со одземени или длабоко нарушени човечки животи. Токму овој аспект на проблемот, мора да ни биде главниот мотив за справување со овој тип на опасност. Во борбата против манипулацијата со лажни вести, пристапот во кој се вклучени сите чинители е единствениот кој може да даде резултати, за да ги заштитиме нашите граѓани, нашите земји и демократските придобивки кои целат кон подобра иднина за сите и кон остварување на глобалните развојни цели насекаде низ светот, рече Грковска.

Според вицепремиерката, ако причините за формирањето на Организацијата на Обединетите Нации и усвојувањето на Универзалната декларација за човековите права се искуствата од Втората светска војна, кои донесоа неизмерни страдања, жртви и дехуманизација до крајни граници, тогаш главната задача за сите индивидуи е да не дозволиме актуелните жаришта во светот да разгорат нов глобален оган од кој човештвото нема да може да закрепне повторно.
-Мудрите хуманисти кои ја конципираа Декларацијата, усвоена пред 75 години, и се изборија за широко прифаќање на овој документ со универзално значење, денес би биле среќни од сознанието дека земјите каде што човековите права се ставени на највисок пиедестал и уживаат голема заштита од системот во кој владее правото, се земји кои постигнаа најголем развој и најдобар животен стандард за своите граѓани, додаде вицепремиерката.

Според Грковска, овој факт треба да е водилка за сегашните и за идните генерации, кон целосно исполнување на визијата за праведен и хармоничен поредок, со пријателски односи меѓу народите.
-Можеби ова звучи многу идеалистички додека во моментов се лее крв во Украина и на Блискиот Исток. Но, човекот не би бил ништо повеќе од варварин без свест и совест, ако го нема идеалот за подобар и поправеден свет и за човештво кое функционира и соработува врз клучните хуманистички вредности, заклучи вицепремиерката на конференцијата.























