Новата грејна сезона во Скопје ќе почне официјално утре, а ЕСМ ги советува граѓаните и фирмите да ги подготват своите системи за греење.
ЕСМ ги повикува граѓаните и компаниите да ги подготват своите системи за греење бидејќи утре започнува грејната сезона според календарот. Исклучок ќе биде општина Карпош каде во училиштата грејната сезона ќе започне на 1 ноември.
Осум училишта на територија на Карпош ќе останат со ладни радијатори бидејќи сезоната кај нив ќе почне околу 1-ви ноември со цел да се заштеди.
„На барање на Општина Карпош испораката на топлинска енергија нема да започне на 15-ти октомври, туку од 1-ви ноември за сите основни општински училишта на територија на општината што ги користат услугите на „ЕСМ Снабдување со топлина“, велат од ЕСМ.
Училиштата и градинките низ Скопје прават последни подготовки, но иако дел се веќе спремни сепак Општина Карпош ќе стартува подоцна, бидејќи температурите не се доволно ниски.
Утрово, иако беше постудено, ЕСМ информираше дека не се создадени услови за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија.
Оваа информација е согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на СРМ, а врз основа на прогнозираната средна дневна температура на воздухот во Скопје од 16˚С за 14.10.2024 година од Управата за Хидрометеролошки работи.
Според регулативата, снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите вообичаено започнува од 15 октомври, но може да започне и порано, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12˚С, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи.
Околу 170 објекти во Скопје моментално се затворени и во нив не може да се врши испорака на топлинска енергија поради дефекти на инсталацијата или проблеми во потстаницата.
За да може непречено да се испорачува топлина од 15 октомври откога започнува грејната сезона потрошувачите треба да ги отстранат евентуалните дефекти во внатрешната инсталација, а заедниците на станари или управителите на зградите да овозможат непречен пристап на службените лица на ЕСМ до топлинската станица, како и да обезбедат постојано напојување на станицата со електрична енергија, што значи дека треба навреме да се платени сметките за струја за топлинската станица.
Согласно податоците во Центарот за грижа на потрошувачи, во моментов има 170 затворени објекти, од кои 27 објекти имаат прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица, во 43 објекти, екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаат пристап до топлинската станица и 100 објекти се оневозможени да добијат испорака на топлина од системот за централно греење поради дефект во внатрешната инсталација на објектот – посочуваат од ЕСМ.