Грета Тунберг изјави по враќањето во Шведска дека не била свесна дека некои учесници во поморската мисија „Флотила на слободата“, со која се обиде да ја пробие израелската блокада на Газа, претходно изразиле поддршка за Хамас и Хезболах.

Шведската климатска активистка слета во Стокхолм во вчера вечерта откако беше депортирана од Израел поради учество во обид за пробивање на блокадата на Газа со бродот Madleen.

„Не сум слушнала за тоа и не знам што кажала таа личност“, им рече 22-годишната Тунберг на новинарите.

Кога ја прашале зошто не се информирала за луѓето со кои патувала пред патувањето, таа одговорила: „Затоа што немав мобилен телефон“.

Таа реагираше луто на дополнителните прашања од новинарите: „Дали треба да ги прашам сите точно што кажаа за сè? Тоа би одзело време.“

Според израелски и британски извори, мисијата ја предводел Захер Бирави, за кого израелските власти тврдат дека е оперативец на Хамас. Бирави бил виден во друштво на поранешниот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, и ја предводи организацијата Европски форум, која Израел ја прогласи за терористичка организација во 2021 година.

Еден од учесниците бил бразилскиот активист Тијаго Авила, кој минатата година присуствувал на погребот на лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, и јавно го изразил своето восхитување кон него на социјалните мрежи.