Европското тело за следење на антикорупциски стандарди, ГРЕКО, во најновиот извештај за земјава забележува напредок во борбата против корупција. Како позитивни чекори се наведуваат усвојувањето и примената на етичкиот кодекс за работа на функционери, објавувањето информации на интернет страниците на институциите, проверка на интегритетот на функционерите.
„Заврши и помина времето кога не можеше на било кој функционер името да му се спомне, а не да се бараат одговорност и да се бараат покренуваат истраги и да имаме завршници како што тоа е денес, без оглед за кого и да станува збор. Разрешувањата се повеќе, Претседател на управен или на надзорен одбор на МИА, Заменик директор на Агенција за храна, има и други директори и други членови на органи и тела“, изјави вицепремиерот Љупчо Николовски.
Извештајот на ГРЕКО позитивно ги оценил и напорите за измени на законите за внатрешни и полиција кои предвидуваат поднесување изјави за имотна состојба, тест за морал кај полицајците и забрана тие да членуваат во политички партии.
„Во извештајот се потенцира дека процесот на подготовка на новиот етички кодекс на полициските службеници е целосно инклузивен со вклучување полицајци од сите нивоа како и со претставници на синдикатот и граѓанскиот сектор што претставува уште една афирмација за нас. При тоа кодексот содржи јасни одредби но и адекватни практични насоки за почитување на етичките стандарди и ги регулира прашањата на конфликт на интереси , примањето подароци, известување за неетичкото однесување“, изјави Оливер Спасовски, Министер за внатрешни работи.
Вицепремиерот за борба против корупција најави дека во соработка со канцеларијата на ЕУ во Скопје ќе почне изработката на закон за потекло на имот, кој како што вели Николовски, ќе овозможи конфискација на нелегално стекнат имот од избрани или именувани функционери.