„Ние имаме заеднички став дека од стратешка важност е ЕУ да се прошири посебно кон земјите од Западен Балкан. Позицијата кон РС Македонија се темели на решението на Парламентот, рамковната позиција на Владата и позицијата на бугарската Академија на науки“, изјави експертот за надворешна политика и меѓународен секретар на партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“, Димитар Грдев, пред бугарската агенција БГНЕС.
„Ние знаеме дека треба да бараме поголема комуникација со нашите западни партнери. За да не остануваме во ситуација на ништото само затоа што нашата позиција е правилната. Најважното за нас е да ја видиме РС Македонија како дел од ЕУ и Бугарија да биде опкружена само со пријателски земји, членки на Унијата“, додава Грдев како одговор на прашање на агенција БГНЕС и подвлекува дека Бугарија има потпишан Договор со РС Македонија којшто има јасно прифатени обврски и којшто треба да се исполнува исто како Договорот со Грција.
Според Грдев партнерите на Бугарија во ЕУ треба да знаат дека таа не бара ништо повеќе.
„Ние не бараме нови услови за РС Македонија. Сѐ што бараме е запишано во Договорот за пријателство и добрососедство. Бугарија не направи никакви опструкции за влезот на РС Македонија во ЕУ. Единственото нешто што го бараме е брзо и активно да се исполнат прифатените обврски. Потоа ние ќе помагаме РС Македонија побрзо и ефективно да дојде до членство во ЕУ“, изјави уште Грдев пред БГНЕС.
На прашањето на БГНЕС дали е неопходно Парламентот да изгласа нова декларација за односите меѓу Бугарија и РС Македонија, меѓународниот секретар на ИТН одговори:
„Моменталната ситуација не налага промена на декларацијата изгласана од претходниот Парламент. Преговорите се динамични. Да видиме каков ќе биде ставот на РС Македонија и на владата на Зоран Заев. Таму во тек е прифаќањето на нивната декларација. Прво нека почне да работи нашиот Парламент и Комисијата за надворешна политика ќе се активира во согласност со новите предлози. Некои од нив можат да бидат и подобри.“
Извор: Трибуна