Реакции во Грција, како на социјалните мрежи, така и од опозициските партии предизвикаа фотографиите од собирот и ручекот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и неговите соработници во куќа на пратеник на Нова демократија на островот Икарија, во период кога во земјата се во сила строги рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис вчера беше во посета на три острови, оствари средби со локалните власти и ги посети центрите за вакцинација, а додека беше на Икарија, пратеникот Христодулос Стефанадис организираше ручек на терасата од неговата куќа во чест на премиерот.

Според фотографиите објавени на социјалните мрежи собрани се најмалку 20 лица, и покрај забраната за собири во домовите, а експресно и остро реагираа опозициските партии.

Од СИРИЗА и Движење на промена коментираат дека станува збор за провокативно однесување, за ароганција на Владата и за прекршување на мерките.

Портпаролот на СИРИЗА Насос Илиопулос вели дека „човекот кој веќе една година ги кара граѓаните за индивидуалната одговорност, без самиот да преземе било каква одговорност, сега ги надмина сите граници“ и додава дека „провокативното кршење на сите здравствени мерка на корона-забавата на Икарија предизвикува бес“.

-Да се запрашаме, што ќе се случеше, ако целиот овој собир, со над 40 лица, како што се гледа и на видеото, беше приватен ручек на обични граѓани, вели Илиопулос во интервјуто за радиото „Реалфм“ и додава дека Мицотакис му должи извинување на грчкиот народ за „учеството во корона-забавата“ и истакнува дека ако Грција е земја во која владее правото, треба да учесниците во ручекот да им се изречат казни.

Од Движење на промена, велат дека сликите од Икарија се провокативни и навредливи.

-Навредливи за граѓанинот кој е повикан да се затвори дома од 18 часот и да ги почитува мерките против пандемијата, кога самиот премиер, министри и функционери од Нова демократија се собираат и ручаат, соопштуваат од грчката опозициска партија и коментираат дека сликите од ручекот се навредливи за слободата на изразување, бидејќи повеќето од медиумите ги премолчеле.

Додаваат дека „цинизмот и ароганцијата на Владата на Нова демократија и на премиерот, кои сметаат дека се над законот, го загрозуваат и јавното здравје“, а самиот Мицотакис има лична одговорност.

За целиот случај, со соопштение излезе и пратеникот од Нова демократија, Христодулос Стефанидис, во чиј дом се одржа ручекот.

Вели дека по завршувањето на турнејата и пред заминувањето на Мицотакис од островот, го поканил на непланиран и краток ручек, согласно мерките и протоколите, односно надворешен дел, употреба на маски, ограничен број луѓе на масите.

-Искрено жалам затоа што сликите и условите, надвор од местото каде што беше премиерот, со собир на луѓе кои спонтано дојдоа да го видат одблизу, не беа соодветни и беа причина за недоразбирање и негативно беше протолкувано изразување на традиционалното гостопримство на нашиот остров, вели пратеникот од Нова демократија, во соопштението што го објавуваат медиумите.

Ова е втор пат грчкиот премиер за време на карантинот во Грција, да биде на мета на критики за непочитување на мерките донесени токму од Владата.

На почетокот на декември минатата година на социјалните мрежи беа објавени фотографии од Мицотакис кој додека возел велосипед на планина во близина на Атина се фотографираше со уште неколку лица, а никој од нив не носеше маска.

Тогаш, реакциите беа дека е прекршена мерката за забраната за движење и задолжителната употреба на маска, а самиот Мицотакис, одговори дека погрешно било што прифатил да се фотографира без маска, но не било погрешно што отишол на планината со велосипед.