Со најновата одлука за Република Грција се утврдуваат новите услови за влез, кои важат за периодот од 7 до 24 февруари 2022 година. Притоа се наведува дека влезот на патници од земјите членки на ЕУ и шенгенскиот договор, како и од 33-те земји што не се членки на ЕУ, а кои се приклучија на системот за дигитални сертификати COVID на Европската Унија (European Union Digital Covid Certificate, EUDCC), меѓу кои е и Македонија, влезот е дозволен со прикажување европски дигитален сертификат, односно алтернативно според следниот редослед:
„Сертификат за вакцинација: доколку имаат навршено најмалку четиринаесет (14) дена од вакцинацијата и не повеќе од 9 месеци по завршувањето на основната вакцинација или без временско ограничување за патниците што ја примиле и третата доза, потврда за прележана болест по лабораториско тестирање со методот ПЦР или по контрола со користење брзи антиген-тестови (rapid test). Европскиот дигитален сертификат за прележана болест се издава четиринаесет (14) дена по првиот позитивен тест и неговата важност трае до сто и осумдесет (180) дена по тестот; или негативни резултати од лабораториски тест со методот ПЦР спроведен во последните седумдесет и два (72) часа пред нивното пристигнување во Грција или со брз антиген-тест (rapid test) во рок од дваесет и четири (24) часа пред пристигнувањето во Грција“, соопшти МНР.
Од утре има и нови услови за влез на патниците од Северна Македонија во Холандија. Министерството за здравство во Холандија ја класифицира Република Северна Македонија како зона со многу висок ризик, значи едно ниво повисоко од досегашното. За сите патници од Северна Македонија што патуваат за Холандија, ќе важи правилото за задолжителен карантин. Од друга страна, вакцинираните патници (две дози и дополнителна трета доза/бустер) што патуваат од многу високоризични земји не мора да одат во карантин.