Поради брзото ширење на пожарите во Грција и силните ветрови кои дуваат на опожарените места, денеска беа воведени дополнителни ограничувања за граѓаните.

Според прес службата на Владата се затвораат одредени критични патишта, планирани се прекини на електричната енергија, забранет е пристапот шумите и парковите, националните паркови и заштитените подрачја.

Исто така, постои забрана за движење на сите камиони и други тешки возила, со правец на движење низ регионот Атика, со носивост од повеќе од 1,5 тони, во правец на движење од Солун кон Атина.

Покрај ограничувањата наметнати за движење и минување на тешки товарни возила (над 1,5 тони) во Атика, оние што се движат кон Пелопонез се пренасочуваат преку Термопили-Ливадија. Сообраќајот кон главниот град се одвива по обиколни патишта. Автопатот Атики Одос останува отворен без патарина за да се избегне метеж.

Операторот на грчката дистрибутивна електрична мрежа денеска објави дека поради големата потрошувачка на електрична енергија во областа Атика, потребен е привремен режим на електрична енергија, кој ќе се применува етапно во сите области на главниот град Атина и округот. Посебно внимание им се посочува на граѓаните дека за време на шпицот помеѓу 13:00 и 15:00 часот, како и помеѓу 18:00 и 22:00 часот за употребата на електрични апарати како што се шпорети, машини за перење, бојлери итн. и системите за климатизација мора да бидат поставени на 26 степени целзиусови.