Грција, преку преминот „Промахонас“ на грчко-бугарската граница, вечерва го дочека првиот камион со пратка од 9.750 дози на вакцината против ковид-19, а веќе во недела и официјално ќе започне вакцинацијата во земјата, односно т.н. „операција Слобода”, јави дописничката на МИА од Атина.
На граничниот премин „Промахонас“ беше заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас и претставници на полицијата и на војската, со што започна спроведувањето на планот „Хипократ” на грчката полиција за вакцините безбедно да пристигнат до магацините со фрижидери во Атина.
На целиот пат до Атина, камионите ќе бидат под полициско обезбедување, а и магацините ќе бидат под 24-часовен надзор.
Вакцините ќе се чуваат во специјални фрижидери за длабоко замрзнување, од каде што ќе се пренесуваат во центрите за вакцинација кои се вкупно 1.018 во цела Грција.
„Операцијата Слобода”, односно вакцинацијата ќе започне во недела, во пет болници во Атина, а првите вакцини ќе ги примат повозрасен граѓанин, медицинско лице, но и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу.