Континуираното зголемување на новите случаи на Ковид-19 во повеќе делови на Атина и пошироката област Атика, го вклучи алармот кај грчките епидемиолози, кои по вчерашниот вонреден состанок, според информациите во Грција, препорачале конкретниот регион да премине во „црвената зона“, додека пак конечните одлуки ќе бидат донесени и соопштени во текот на денешниот ден, јави дописничката на МИА од Атина.

Комисијата на епидемиолози од Министерството за здравство на Грција, утрово одржува состанок, по што до Владата ќе ги достави конечните препораки, а одлуките, попладне, ќе ги соопшти заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас.

Праксата на грчката Влада од изминатиот период е секој петок да се носат нови одлуки за олабавување или затегнување на мерките согласно епидемиолошката слика во земјата, кои ќе важат за седмицата што следува, почнувајќи од понеделник.

Во т.н. „црвени зони“, важат поригорозни мерки, како што се затворени продавници и функционирање само на услугата „click away“, односно подигање на претходно направена порачка, онлајн настава за сите ученици, а полицискиот час, наместо од 21 е од 18 часот.

Останува отворено прашањето, дали истите овие мерки би важеле и за Атика и Атина, доколку премине во „црвената зона“.

Дел од епидемиолозите, говорејќи за грчките медиуми, како можни мерки за конкретниот регион го споменуваат повторното затворање на продавниците и воведување на „click away“, а полицискиот час да остане од 21 часот.

Од понеделник, планирано е отворање на средните училишта во цела Грција, но под знак прашалник е дали тоа ќе важи и за Атина.

Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин, шест дена подоцна беше воведен полициски час, а постепеното олабавување на мерките започна со отворањето на основните училишта и градинките на 11 јануари, една седмица подоцна следеа и продавниците, моловите, трговските центри, фризерските и козметичките салони.

Во изминатите денови, речиси половина од новите случаи на Ковид-19 на дневно ниво беа во областа Атика, а дополнителна загриженост кај епидемиолозите во Грција предизвикува и британскиот сој на коронавирусот, кој е присутен токму во регионот на Атина, а во целата земја има вкупно 66 случаи.