Преку конкретни договори за помош, Грција енергетски ќе ја поддржи Северна Македонија во справувањето со последиците од глобалната енергетска криза, нешто за кое вчера, детално разговараа премиерите на двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Димитар Ковачевски и Кирјакос Мицотакис одржаа тет-а-тет средба во премиерската палата, по што следеше и состанок на двете делегации.

Двајцата премиери се договориле преку Грција, Северна Македонија непречено да се снабдува со лигнит, јаглен и мазут, а во случај на било какво ограничување од извозот од Грција тоа не би се вовело за нас, а станало збор и за нова грчка инвестиција во Северна Македонија.

Паралелно, освен за енергетската, двајцата премиери разговарале и за европската поддршка на Северна Македонија.

На почетокот на средбата, во дијалогот пред камерите Мицотакис ја повтори грчката поддршка за нашата ЕУ перспектива, но и во однос на енергетската криза, а рече и дека е во интерес на двете земји да промовираат инвестиции.

Би сакал да повторам дека Грција е подготвена да ја поддржи Северна Македонија во овие толку тешки времиња. И верувам дека е во взаемен интерес остварување на инвестиции на грчки компании во Северна Македонија со цел да ги поврземе нашите инфраструктури на таков начин што ќе доведе до зголемување на енергетските врски меѓу нашите земји, порача грчкиот премиер.