Неодамнешниот случај што се однесува на пренесувањето на барателите на азил од Турција кон Грција во областа Еврос, претставува уште еден обид на Турција да го инструментализира мигрантско- бегалското прашање и евентуално, паралелно, да создаде гранично прашање, соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Грција во однос на случајот со мигрантите на копнената граница меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчкото МНР велат дека „пред овој нов обид на товар на грчките национални интереси, потребна е разумност и одговорност од сите политички сили во земјата, наместо обид, прашањето да се претвори во поле на партиска препукувања, од дел од опозицијата“.

Реакцијата од Министерството за надворешни работи на Грција е во врска со групата од 38 мигранти, кои извесен период беа заглавени на малиот остров во реката Еврос на копнената граница меѓу Грција и Турција, а за кои министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис вчера рече дека според „изјавите на мигрантите, турските власти ги истуркале кон островот, ги однеле на брегот на реката и под закана со насилство ги принудиле да дојдат во Грција“.

Додаде дека од сведочењето на мигрантите произлегло дека петгодишно дете го загубило животот на турска територија.

Случајот со групата мигранти и починатото дете веќе неколку дена е актуелен во Грција, а грчката полиција, првично, во неделата соопшти дека по натписите во медиумите за присуството на мигрантите на малиот остров, била спроведена потрага, но без резултат и без да бидат пронајдени лицата, а паралелно додадоа дека добиените координати со локацијата се вон грчка територија, додека пак ден подоцна, во понеделникот, групата беше пронајдена.