Варијанта на веќе постоечка мутација, што се појавила во центарот на Атина, претежно кај мигранти, предизвикува загриженост кај грчките епидемиолози, пишуваат медиумите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчките медиуми, мутацијата Β 1.1.318 (Variant E484K), која е слична на нигерискиот сој, ја нарекуваат „атинска“ и пренесувајќи изјави на епидемиолози и професори, пишуваат дека оваа варијанта побрзо и полесно се шири.
Претседателката на Националната комисија за вакцинација Мариа Теодориду, за конкретната тема, на синоќешната прес конференција рече дека „не може да се каже дека не постои загриженост за било која варијанта што се појавува“, но додаде дека постојат системи за строг надзор и регистрација што го следат развојот.
Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција за мутациите во земјата, до четвртокот од конкретниот сој Β 1.1.318 биле потврдени 829 случаи, што претставува 9,24 отсто од вкупниот број мутации во земјата. (МИА)