Грчкиот европратеник Јоанис Лагос, поранешен член на неонацистичката партија Златна зора, денеска е уапсен во Брисел, откако синоќа му беше одземен пратеничкиот имунитет, тврдат извори од грчката полиција.
Лагос е осуден во Грција на 13 години и осум месеци затвор како еден од водачите на „криминална организација“ и против него е распишана меѓународна потерница.
Според грчки извори, Лагос е „уапсен во Брисел“.
Веста за апсењето на грчкиот европратеник следеше откако синоќа Европскиот парламент му го укина имунитетот. На тајно гласање, 658 пратеници гласаа за укинување на имунитетот, 25 беа против, а десет беа воздржани.