Во канцеларијата на Народниoт правобранител, в недела (19 октомври), на денот на одржувањето на првиот круг од локалните избори, во периодот од 7 до 19 часот, ќе функционира бесплатната телефонска линија 0800-54321, на која граѓаните ќе може да пријават каква било повреда на избирачкото право. Покрај телефонски, граѓаните ќе може да пријават повреда на нивното избирачко право и лично во сите седум канцеларии на Народниот правобранител во: Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права. Исто така, граѓаните ќе може за заштита на своите права да се јават и на следните телефонски броеви: Тетово: 044 344-082, Струмица: 034 329- 996, Кичево: 045 228-586, Битола: 047 242-310, Штип: 032 389-701 и Куманово: 031 431-488, се истакнува во соопштението од Народниот правобранител.
„Народниот правобранител правата на граѓаните ќе ги штити со преземање итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции, кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права“.
И во оваа пригода Народниот правобранител потенцира дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и дека никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, поради што не случајно повредата на слободата на определувањето на избирачите, како и други повреди на избирачкото право, се казниви дела. Народниот правобранител апелира до сите фактори во изборниот процес да ги почитуваат здравствените протоколи утврдени за начинот на гласање.