Жителите на населбата Лисиче денес одржаа протест во знак на револт кон ДУП поднесен од страна на општината Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски. Со новиот ДУП, велат тие, општината и урбана мафија од жителите на Лисиче ќе направи затвореници во сопствените домови.

– Уште колку населби и колку животи треба да се уништат за да се задоволат нивните болни апетити за профит? – прашаа денес гласно жителите на општина Аеродром.

На протестот на булеварот Србија тие ги повикаа сите советници во општина Аеродром да застанат против како што велат ова градежно лудило.

– Во моментот кога ги изгласавме, кога дојдоа на власт тие  станаа господари на нашите имоти и на нашите животи.  Забораваат дека ние им ја даваме платата. Од сега ќе мора да разговараат со сите нас тука. Тоа им е пораката од денес.  Да почнат луѓето да се прашуваат за мислење кога се носат деталните урбанистички планови – порача Игор Христов, жител на населба Лисиче.

Инаку новиот ДУП предвидува изградба на една 12 катница, три осум катници и пет помали згради. Овој дел од населбата е плански изграден по земјотресот во 1970 тите и е предвиден за семејно домување во куќи. До сега немало згради во овој дел. Токму затоа и револтот на жителите на Лисиче е огромен.

– Доста веќе згради. На сите страни згради. Немаме ни провев, немаме ништо- вели Лилјана Стојанова.

Ова е првиот предупредувачки протест против новиот предлог ДУП кој граѓаните се надеваат дека  ќе биде повлечен од страна на општината.

– Ова што тука се прави е очигледен геноцид врз народот. Со градење на овие згради се руши протокот на ветрови и загадувањето ќе биде енормно зголемено – вели Влатко Ужевски, жител на населбата.

На денешниот протест граѓаните побараа да се повлече под итно ДУП-от и да не се навлегува во приватниот имот на луѓето.

– Бараме делот кој што го посочен во овој ДУП да се искористи за разубавување на животот на луѓето, а не за правење на гасна комора која и онака веќе ја имаме- порачува Ужевски.

На денешниот протест  жителите на населба Лисиче уште еднаш јасно и гласно кажаа не на насилната бетонизација на Лисиче.

Превземено од Рацин.мк