Пишува: Ана Василевска
Библиотеката „Браќа Миладиновци“ се најде на врвот на листата за остварување на локалниот интерес во културата на Град Скопје со поддршка од 5.418 илјади денари, додека Младинскиот културен центар за севкупните активности и менаџирање доби 4.908 илјади денари.
За финансирање на јавните установи кои се под капата на Градот меѓу кои се Културно информативниот центар, Универзална сала, Дом на културата Кочо Рацин од градската каса предвидени се 19.699.000 денари од вкупно 232.998.000 денари.
„Предмет на оваа Програма се активностите што ќе се реализираат во текот на 2023 година, а преку кои што ќе се имплементираат надлежностите на Градот Скопје во областа на културата и ќе се дефинира локалниот интерес во културата. Со оваа Програма е опфатено финансирањето и работата на јавните установи од областа на културата чиј основач е Град Скопје, како и реализација на проекти што ќе бидат реализирани од страна на други физички и правни лица од областа на културата кои што делуваат на подрачјето на Град Скопје во областа на културата, а кои ќе бидат избрани по пат на јавни повици или постапка за јавни набавки.“, стои во документпт на предлог програма за финансирање на јавните установи и активностите од областа на културата од интерес на Град Скопје за 2023 година.
Споредбено со претходните години, овој буџет е повеќекратно помал и градската култура ја сведува на преживување. Со овие средства менаџерите на институциите нема да можат да ги покријат ниту елементарните расходи, а за нивните програмски активности нема да останат ниту трошки.
Иронијата е уште поголема, кога Младинскиот културен центар го прослави половековното постоење како столб на одржливост на градската жива култура да добие финансиска шлаканица од Градот.
Како за илустрација за одржување на најголемите градски културни манифестации како театарскиот фестивал „Млад отворен театар“ и за фестивалот на европски филм „Синдејс“, расположливиот буџет на МКЦ со оваа распределба, изнесува по 400 илјади денари односно 800.000 за двете.
Овие средства за МКЦ не можат да ги задоволат ниту основните расходи за платите и комуналните трошоци.
Изненедува одлуката на градските власти за финасиско кастрирање на Јавните установи под нивна капа, особено во период кога културата закрепнува од последиците на пандемијата.
Критичната 2020 година, МКЦ ја помина со буџет од близу 25 милиони денари а минатата со 15 милиони, во период кога одржувањето на културните настани имаше ограничена динамика.
Со одлуката за минимална поддршка кон градските културни установи е испратена пораката дека Градот под раководство на Данела Арсовска нема слух дека Скопје влезе во потесниот избор за да стане Европска престолнина на културата во 2028 година. Ова е објавено на веб-страницата на Европската комисија во делот за култура и креативност а носител на апликацијата е јавната установа Универзална сала, а проектот е финансиран од Град Скопје.
Град Скопје првпат во 2014 година ја најави идејата за кандидатура за титулата Европска престолнина на културата како дел од заложбите за европска интеграција на градот. Скопје е главен град на земја со повеќегодишен кандидатски статус за членство во ЕУ и кандитатурата за престолнина на европската култура е особено важна во севкупниот политички амбиент кон европскиот пат.
Очигледно сообраќајните блокади на приватните превозници, предновогодишното сивило на Скопје, не останаа единственото горчливо искуство од штетните потези на Данела Арсевска и опортунистичкото однесување кон своите граѓани. За жал, културата со овој буџет ќе живурка а можно е и комплетно да се парализира.