Градоначалничката Данела Арсовска и директорот на Академијата за културна дипломатија од Берлин, Марк Донфрид, денеска потпишаа Меморандум со цел продолжување на соработката по организацијата на Форумот за културна дипломатија, кој се одржува во Скопје.
На Форумот учествуваат поранешни претседатели на држави, министри, претставници од Европскиот парламент, дипломати и академици.
-Во рамки на кандидатурата Скопје Европска престолнина на културата 2028, за нас претставува особена чест што Скопје е домаќин на реномираниот меѓународен Форум за културна дипломатија 2023, како уште една одлична можност за афирмација за потенцијалот на нашиот град, во чие богатото културно историско наследство ќе уживаат над 50 истакнати меѓународни делегати и дипломати, истакна Арсовска по потпишување на Меморандумот.
На потпишувањето присуствуваа и Карл Ерик Норман, генерален секретар на Европскиот Културен Парламент, Хасан Диаб поранешен премиер на Либан и Ули Брукнер, професор на Универзитетот Станфорд. Со ова, како што соопштија од Град Скопје, се отвораат нови можности за заедничка соработка, размена на знаења и проекти со фокус на дипломатијата, образованието и културата.