Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, заедно со група средношколци од Тетово, денеска учествувал на свеченото отворање на Меѓународниот турнир за фудбал U15, што се одржува во Улцињ-Црна Гора.
Како што соопштија од Општина Тетово, овој турнир има стекнато особено значење во областа на спортот, собирајќи тимови од различни градови на албанските простори, како Тетово, Драч, Пеќ, Улцињ и Бујановац.
За време на отворањето, градоначалникот Касами ја истакнал посветеноста на сите учесници во турнирот, нагласувајќи ја важната улога на спортот во зајакнувањето на врските помеѓу заедниците. Тој ја изразил својата целосна поддршка за секоја спортска иницијатива која го поттикнува соработувањето и развојот на младите, а ги охрабрил и сите учесници да продолжат да ги негуваат спортскиот дух и вредностите на пријателството преку спортот.
– Спортот е мост кој ги поврзува и зајакнува нашите заедници. Сите учесници на овој турнир се достојни претставници на вредностите на солидарноста и соработката, изјавил тој.
Општина Тетово, се наведува во соопштението, секогаш ќе поддржува вакви иницијативи кои придонесуваат за развојот на младината и зајакнувањето на врските меѓу нашите градови и региони.