ВМРО-ДПМНЕ го обвинува кочанскиот гадоначалник, Венко Крстевски, за опасна незаинтересираност и загрозување на јавната безбедност, по објавата на Владата дека оваа општина не аплицирала за новата мерка во борбата со пожарите, преку ангажирање на 400 лица во општините за гаснење, кои ќе добиваат месечни примања.

Претходно денес, владината портпаролка, Марија Митева, изјави дека мерката опфаќа 14 општини, односно сите општини во кои има противпожарни единици, со исклучок на Кочани и Струмица, кои не се пријавиле.

„Наместо да обезбеди повеќе опрема, човечки ресурси и сигурност за граѓаните, в.д. – то Венко свесно работи против сопствената Територијална противпожарна единица. Граѓаните со право прашуваат: кому му служи – на народот на Аки Акиов или на сопствените инаети и интереси? Да потсетиме: истиот овој в.д. градоначалник беше против и отворањето на државниот Центар за рехабилитација на Пониква, сега повторно кочничар – но овојпат на сметка на јавната безбедност и заштитата од пожари!“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Крстевски, сепак, тврди поинаку – аплицирале на повикот и ја поздравуваат мерката.

„Формуларот е уредно испратен“, соопшти в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски.

Тој ја поздрави мерката и изрази очекување дека Владата ќе одобри ангажман на 23 лица за превенција од пожари на територијата на Општина Кочани. Ја истакна и реалната потреба од вработување на нови 15 професионални пожарникари во Територијалната противпожарна единица – Кочани.

Во прилог, потсети и дека Општина Кочани веќе пет месеци чека Министерството за финансии да даде согласност за нови вработувања во новата детската градинка „Детелинки“, за коишто се планирани финансии во буџетот. Ја повика Владата час поскоро да ја реши неизвесноста на над 200 родители чии деца се на листата на чекање за згрижување во новата кочанска градинка.