Во Општина Кисела Вода се одржа средба помеѓу градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и амбасадорот на Република Австрија во Македонија, Мартин Памер.

Градоначалникот Ѓорѓиевски го информираше амбасадорот за општите развојни насоки на Општина Кисела Вода, но и за пошироката слика од локалната самоуправа, зборувајќи од позиција на претседател на ЗЕЛС и пренесувајќи дел од искуствата и предизвиците со кои се соочуваат општините низ државата.

„Имав чест да остварам средба со амбасадорот на Австрија, Н.Е. Мартин Памер, со кој имавме искрен и продуктивен разговор за важноста на локалната власт како двигател на развојот. Споделивме размислувања за значењето на соработката меѓу општините и дипломатските претставништва, која може да донесе нови перспективи и поддршка во процесите на модернизација и ефикасно управување. Го информирав за тековниот развоен импулс во Општина Кисела Вода, динамичните процеси на инфраструктурна обнова, унапредување на јавните услуги, инвестициите и потенцирав дека преку систематска работа, планирање и отвореност кон граѓаните, создадовме општина која постојано се менува на подобро.

За мене, секоја соработка со напредни европски држави како Австрија е можност да учиме, да пренесуваме добри практики и да создаваме подобра иднина за сите наши граѓани. Затоа верувам дека и оваа средба претставува важен чекор кон воспоставување на конкретна и корисна соработка која ќе донесе реални придобивки за локалната заедница“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски/ Макфакс