По повод 3 Декември, Светски ден на лицата со посебни потреби, градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски организираше прием за лицата кои престојуваат во Дневниот центар за лица со телесна и интелектуална попреченост. Упатувајки порака за емпатичност кон овие лица Пекевски истална дека Општината и во иднина ќе се труди да ги задржи своите принципи на еднаквост, солидарност, недискриминација, инклузија и праведност.

-На особена чест и задоволство, денеска имавме прилика да не посетат директорката и лицата кои престојуваат во Меѓуопштински центар за социјална работа. Заедно поразговараме, ми кажаа што им е потребно и со најискрени честитки и  желби, во пресрет на денот,  кој е посветен на лицата со попреченост, си посакавме добро здравје и низ многу љубов и разбирање, си ветивме дека заеднички и сплотено ќе градиме едно општество за сите, рече Пекевски.

Упати порака до секој еден поединец да работи на мисијата за обезбедување на сите можности за подобро живеење за лицата со различни попречености, не само затоа што се дел од заедницата, туку затоа што тоа го заслужуваат.

-Заложбите за остварување на  правата на лицата со попреченост, за сеопфатна инклузија, веќе се  системски реализирани и секојдневно се работи на унапредување, во остварување на истите, додаде Пекевски кој на лицата со попреченост им додели скромни подароци во рамки на денешниот настан.

По повод 3-ти декември – Меѓународен ден на лицата со посебни потреби беа реализирани повеќе настани и во основното и среднот училиште во Берово.