Градоначалникот на Берово Звонко Пекевски најави дека ќе поднесе иницијатива за именување на улица во градот по името на Жан Кофол, пожарникар кој учествувал во гаснењето на пожарите што ги зафатија Берово и Малешевијата.
„Од Словенија денеска ни пристигна тажна и трагична вест за смртта на Жан Кофол. Кофол беше меѓу најмладите доброволци кои пристигнаа од Словенија и со денови учествуваше во гаснењето на огнената стихија во околината на Берово и Пехчево.
Кофол го загуби животот во сообраќајна несреќа во близина на родната Нова Горица во вторникот на 28 септември, еден ден пред неговиот 20 роденден.
За постхумно одликување, до Советот на Општина Берово ќе поднесам иницијатива да именуваме улица во Берово по името на овој хуман херој кој им помогна на Берово и Малешевијата кога ни беше најтешко“, стои во објавата на градоначалникот на Берово Звонко Пекевски на социјалната мрежа facebook.