Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес беше присутен на местото Балаклија во Црниче, каде заедно со жителите го прослави Источен Петок, значаен православен празник кој секоја година се одбележува на првата недела по Велигден. Тој истакна дека посебно му е драго што ова свето место, на кое се наоѓа изворот, беше ослободено од узурпација, вратено на жителите оплеменето со нови содржини кои овозможуваат вистинско уживање на сите кои го посетуваат, информира општина Кисела Вода.
Го истакна своето задоволство што следната година ќе ја има честа токму тој да биде кум на овој значаен настан.
– Нека е за многу години Источен Петок – Балаклија! Другата година кумството е мое, дар од Бога за што ми е огромна чест! Денес, заедно со мојот народ од Црниче го славиме овој голем празник кој спаѓа во Светлата Недела. Празник посветен на Пресвета Богородица на кој ѝ се оддава признание и се верува дека на овој ден му ги миела раните на Исус Христос, па затоа водите од изворите денеска се лековити и верниците масовно ги посетуваат за да ги измијат очите и лицето. Ова култно место во Црниче на кое има извор и кое до лани беше узурпирано, го ослободивме и го вративме на жителите, оплеменето со содржини за вистинско уживање и рекреација на сите кои го посетуваат. Горд сум на сплотеноста на мојот народ на ваквите денови, затоа Македонија е богата земја која меѓусебната љубов и почит ја одржувала низ вековите.
За многу години да ни е, здравје и бериќет кај сите-изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.