По повод прекинот во снабдување струја и вода поради рекордните снежни врнежи и ниски температири во Тексас, градоначалникот на Колорадо сити се обратил до граѓаните со зборовите: „локалната власт не е одговорна да ве поддржи во овие тешки времиња. Потонете или пливајте, изборот е ваш“.

Ова е дел од Фејсбук објавата на Бојд, довчерашен градоначалник на Колорадо сити, еден од повеќето градови во Тексас погодени од рекордно ниските температури и снежното невреме, што оваа јужна држава на САД нема видено повеќе од 100 години. Веднаш по објавата постот беше избришан, но повикот на градоначалникот беше забележан од локалите телевизии, и предизвика гнев кај граѓаните, по што тој мораше да поднесе оставка.

-Градот и округот, како и дистрибуцијата или кој било друга компанија не ви должат ништо. Уморен сум од луѓе кои бараат милост… Само силните ќе преживеат, а слабите ќе загинат, напиша тој по повод прекините во снабдувањето со електрична енергија.

Понатаму, Бојд ги нарекува жителите на градот „мрзеливи“ и ги повика сами да се снајдат во потрага по струја и вода.

Весникот Вашингтон пост пишува дека ова контраверзно однесување на претставник на локална власта во Тексас, укажува „како една од најлошите зимски непогоди во историјата на Тексас ги открива ограничувањата од прифаќањето на самостојноста и суровиот индивидуализам во оваа сојузна држава“.

-Одлуката на Тексас да избегне федерална регулација во раководењето со своја сопствена електромрежа, е една од причините зошто милиони Тексашани се уште немаат струја, пишува весникот. Експертите укажуваат дека прекините се должат на користењето на струја за затоплување на огромен број приватни компании, при што страдаат семејствата и луѓето од сиромашните заедници.

До среда наутро, по локално време, околу 3.3 милиони жители на Тексас се уште се без струја, а во некои градови отежнато е и снабдувањето со вода.

Од околу дваесетмина починати како резултат на невремето во неколку сојузни држави, до понеделникот навечер најмалку десет лица загинале во Тексас.