Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков во изјава за „Алсат“ вели дека случајот со Мерко неминовно ќе се најде на маса на следната средба на градоначалниците од ЗЕЛС. Тој како член на управниот одбор на телото вели дека засега не се знае дали струшкиот градоначалник може да биде исклучен од ЗЕЛС, а воедно ги повика и судските органи до крај, темелно да ги истражат наводите на американскиот Стејт департмент.
„Како управен одбор секако дека тоа ќе биде една од темите за која ќе разговараме, но ние не треба да чекаме некој да ни каже дали некој е корумпиран или не, треба да имаме правосуден систем кој тоа ќе го работи на дневна основа“,изјави Пецаков за „Алсат“.
Мерко и неговото семејство пред околу две недели (на 20 јуни) беа ставени на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција и, како што објави Стејт департментот, поради присвојување средства и мешање во судски и во други јавни процеси.
Тоа предизвика бура реакции и критики во јавноста кои во најголем дел беа насочени кон домашните институции поради непостапување, а од јавното обвинителство тогаш се огласија со став дека исклучително сериозно ги земаат предвид сознанијата на Стејт департментот за негово влијание во правосудни постапки и најави контрола.
Исто така, објавија и список со активни предмети во кои има кривични пријави за Мерко – станува збор за шест случаи предмети од кои најголемиот дел се за злоупотреба на службената положба и овластувања, а биле оформени по кривични од здруженија на граѓани, адвокати, Управата за финансиска полиција … Најстариот датира од 2015 година, но сè уште не е затвор бидејќи од 2020 сè уште се чека дополнително вештачење кое треба да го направи Бирото за судски вештачења.
Сличен чекор како обвинителството, најави и Судскиот совет од каде соопштија дека ќе формираат комисија која во Основниот суд Струга ќе провери дали Мерко се мешал во постапки.
Од неговата матична партија ДУИ пак изјавија дека Мерко треба сам да донесе одлука дали ќе си поднесе оставка од функцијата.