Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, денес ги откри имињата на 72 научници кои ќе бидат додадени на листата со имињата на научници врежани на првиот кат од Ајфеловата кула пред повеќе од 130 години, според француските медиуми.

Списокот опфаќа речиси 250 години историја, а го вклучува и името од Анжелик ди Кудре, бабица од 18 век, до неодамна починати научници, објасни претседателката на здружението „Жени и наука“, Изабел Воглен, објави Фигаро.

Градоначалничката на француската престолнина му ја довери на ова здружение, составувањето на листата.

Овие имиња сега мора да бидат доставени до Академиите за наука, технологија и медицина за нивно мислење пред конечното одобрување.

Градоначалничката според написите, не одреди датум за спроведување на овој проект.

Кога кулата била изградена во 1889 година, инженерот Густав Ајфел имал намера таа да биде „пантеон на науката“, и на големиот фриз на првиот кат ги врежал имињата на 72-та најголеми француски научници кои оставиле свој белег во историјата од Француската револуција.

Меѓу нив биле хемичарите Лавоазје и Шаптал, астрономите Араго и Лаплас, натуралистот Кивија, пронаоѓачот на фотографијата Дагер, но таму не се нашло ниту едно женско име, иако во тоа време работата на жени научници, како што е математичарката Софи Жермен, веќе била добро позната, се присетува Фигаро.

Текстот Градоначалничката на Париз ги откри имињата на научниците кои ќе бидат врежани на Ајфеловата кула е превземен од МАКФАКС.