Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денес учествуваше во акција за пошумување, организирана од Општина Кисела Вода, во непосредна близина на Паркот на шахот, во населбата 11 Октомври – Бараки. Во рамките на активноста беа засадени дваесет нови дрвја, како почеток на серија акции за дополнително зазеленување и унапредување на животната средина во општината.
Дрвјата се донација од Централна кооперативна банка АД Скопје, која со овој чин уште еднаш ја покажа својата општествена одговорност и поддршка за еколошките иницијативи на локалната самоуправа. Дел од вработените во банката денес беше заедно со градоначалничката на терен, придонесувајќи кон реализацијата на оваа значајна акција, велат од општината.
-Со денешната активност ја потврдуваме нашата заложба за континуитет во создавањето поубава, позелена и почиста Кисела Вода. Пошумувањето и уредувањето на зелените површини ќе бидат еден од моите приоритети во управувањето со општината, бидејќи зеленилото значи подобар квалитет на воздухот, поубава околина и поздрав живот за нашите сограѓани. Благодарна сум на Централна кооперативна банка АД Скопје што го препозна значењето на оваа иницијатива и даде свој придонес кон позелената иднина на нашата општина. Ваквите партнерства се од големо значење. Кога институциите, компаниите и граѓаните делат исти вредности, резултатите се видливи и трајни- изјави Стаменкоска-Трајкоска, додавајќи дека посветеноста на хигиената, уредноста и зачувувањето на јавните површини ќе оди рака под рака со нови проекти за пошумување, создавање мини паркови и ревитализација на постојните зелени зони.
Текстот Градоначалничката на Кисела Вода Стаменкоска-Трајкоска со акција за пошумување е превземен од МАКФАКС.























