Доцнење на работа и училиште, откажани прегледи на лекар и многу други случаи. Ова се последиците кои секојдневно ги трпат скопјани поради сообраќајниот хаос кој постои како последица на немањето приватни автобуси. Жителите се револтирани од долгото чекање. Некогаш стојат на станиците од половина час и повеќе, пишува Алсат.

„Поминуваат 20 до 30 минути, а автобус нема, не знам што е проблемот. Многу луѓе има. Само што отиде автобусот беше полн, го чекаме следниот. Не можеш да влезеш, кај што влегуваш, само те туркаат…“

„Го пуштивме автобусот оти има премногу луѓе, некој може да го земе паричникот, затоа седи и одмори“, велат граѓаните.

Според граѓаните, најдолго се чека за линиите 9, 12, 19, 20, 22, 45 и други кои во минатото главно ги возеа приватни превозници.

Минатата недела беше затворен четвртиот јавен повик на Град Скопје за ангажман на приватни превозници за неколку линии. И покрај прашањата кои ги испративме од Град Скопје не одговорија дали повикот бил успешен или не. Се бараа превозници за 16 линии, односно 115 автобуси и 245 возачи. Повеќе од шест месеци приватните автобуси не циркулираат низ главниот град.