Град Скопје соопшти дека реконструкцијата на бул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“ е во завршна фаза со што ќе се овозможува поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот.

– Денес направивме увид во градежните работи на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, кој е во фаза на целосна реконструкција на надземната и подземната инфраструктура, каде покрај коловозот, се обезбедуваат нови пешачки и велосипедски патеки, се вели во соопштението на Град Скопје.

Од Градот информираат дека реконструкцијата на булеварот опфаќа градежни работи на коловозот од 5350 м2, велосипедска патека и тротоари од 4500 м2, нови рабници, градежни работи на целосно нова фекална канализација, изведба на нова водоводна мрежа и заменување на постоечките приклучоци со нови, ново улично осветлување со лед светилки со контролери.

– Го решаваме и деценискиот проблем со поплавувањето на овој булевар, бидејќи до сега тука воопшто не постоела атмосферска канализација, а старата и дотрајана водоводна мрежа која сега се заменува со нова, како и замената на приклучоците со нови ќе овозможи да нема прекини во водоснабдувањето, дефекти и загуби на вода, се вели во соопштението.