Советот на Град Скопје на претстојната седница ќе расправа за имињата на 485 улици во градот. Најголем дел од овие улици досега биле именувани со број или биле именувани како краци на други поголеми улици. По усвојувањето на оваа одлука од Советот, овие улици ќе добијат нови имиња.
Новите имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје согласно со Законот за определување на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти предвидено е да се црпат од Регистарот на имиња кој неодамна беше дополнет од Советот со листа од нови 570 имиња, по претходно добиената согласност од Владата на РСМ.
Согласно со овој закон името на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум.
Најголем дел од предлозите за нови имиња на улиците се предлози со кои ќе се именуваат краците на улиците Тодор Чангов, Ѓорѓи Капчев, Христо Татарчев, Бутелска, Скупи, Јуриј Гагарин, Козле, Алексо Демниевски и други. Речиси четвртина од предлозите за нови имиња се предлози со кои ќе се заменат имињата кои претходно биле нумерирани со број.
Со оваа одлука ќе бидат вратени и дел од старите имиња на улиците кои беа променити во текот на 2012 година спротивно на волјата на граѓаните кои живеат на тие улици. Со тоа се враќаат имињата на улиците Ленинова, Железничка, Мексичка, Каирска, Стив Наумов, Салвадор Аљенде, 4 Јули, 29 Ноември, Бихаќка, Владимир Комаров, Руди Чајавец, Жарко Зрењанин, Драчевска, Ратко Митровиќ и други.
Мостот Тодор Александров (популарно наречен мост Близнак) ќе биде преименуван во Мост Накие Бајрам и Роса Плавева, мостот Слобода (кај Холидеј Ин) ќе се вика мост Вера Ацева, а новиот мост на бул. АСНОМ ќе се вика Генерал Михајло Апостолски.
Улицата пред Градскиот стадион ќе се вика Столтенбергова според угледниот норвешки дипломат и висок функционер на Обединетите нации, Торвалд Столтенберг кој даде голем придонес во обновата на градот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
Булеварот ВМРО ќе добие ново име и ќе се вика Блаже Конески, улицата Стив Наумов (поранешна Ленинградска) ќе се вика Славко Јаневски, улицата Адолф Циборовски ќе се вика Горан Стефановски, а улицата 1523 во Кисела Вода ќе се вика Благоја Георгиевски – Буштур. Пешачкиот мост кај зградата на Владата ќе го добие името по неодамна починатиот заменик-градоначалник на Скопје, Енвер Малиќи.
При изборот на нови имиња кои ќе бидат содржани во предлогот на градоначалникот Шилегов до Советот земени се предвид етничките, културни и социјални специфики на локалното население кое живее на тие улици. На тој начин и новиот булевар кој е предвидено да биде изграден од Скопската обиколница до бул. Словенија, а поминува низ Визбегово, ќе се вика Хасан Приштина. Во таа насока во редот на новите имиња на улици ќе се најдат и Беким Фехмиу, Ибрахим Ругова, Адем Демачи и Мајка Тереза.
Сите имиња на улици кои ќе бидат сменети од овие причини, ќе бидат повторно искористени на начин што по нивните патрони ќе бидат именувани други улици во градот каде што повеќе одговараат на локалните специфики на населението.
Листа за промена на улици во Скопје: https://skopje.gov.mk/media/6648/ulici.pdf