Градот Скопје, по иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ја организира манифестацијата „Украсуваме по скопски“, со која жителите на главниот град се мотивираат и стимулираат да ги украсуваат своите домови придонесувајќи во разубавувањето на празничниот амбиент на градот за време на Новогодишните и Божиќните празници.
„Заинтересираните граѓани кои сакаат да учествуваат во манифестацијата, односно да се натпреваруваат за најинтересно и најкреативно новогодишно украсување, можат да се пријават на телефонскиот број 3297 265, од 9 до 16 часот, во периодот од 11 до 23 декември 2025 година.
Фотографиите од украсените објекти, заедно со податоците за сопствениците, телефонскиот број и адресата, учесниците можат да ги испраќаат на интернет-адресата [email protected], или на адреса: булевар Илинден бр. 82, со назнака за манифестацијата „Украсуваме по скопски“.
Град Скопје годинава ќе избере:
• Најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа;
• Најубаво новогодишно украсена тераса од стан;
• Најубави раскази напишани од средношколците на тема новогодишни желби и празнувања.
Пријавените објекти ќе ги посети жири-комисија, која ќе биде составена од претставници на медиумите, коишто исто така ќе ги оценуваат и составите на средношколците.
Сите заинтересирани медиуми може да пријават свои претставници за членови во жири-комисиите на следнава интернет-адреса [email protected].
Градот Скопје за најдобрите во сите категории ќе обезбеди соодветни награди.
Наградите на најуспешните ќе им ги додели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски“.
Текстот Град Скопје: Почнува пријавувањето за манифестацијата „Украсуваме по скопски“ е превземен од МАКФАКС.






















