Основното јавно обвинителство ја започна постапката по првата пријава за фалсификати поврзани со градби во Општина Чаир, информираа денеска од Град Скопје.
Според соопштението од прес-службата, истрагата се однесува на сомневања за фалсификување на документи и незаконска легализација, а се поврзува со поранешниот градоначалник на општината, Висар Ганиу.
„Основното јавно обвинителство ја започна постапката по првата пријава со фалсификатите. Таму веќе се водат уште две постапки претходно започнати за Висар Ганиу, првата за фалсификување на целата архивска книга со броеви и барања за легализации, а втората за уште еден случај каде што незаконски се легализирале објекти со соучесник“, стои во соопштението.
Од Град Скопје испратија и повик до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, со барање конечно да започне постапка против, како што велат, „организираната криминална банда“ во Чаир.
„Очекуваме и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се одважи и да почне да постапува против организираната криминална банда во општина Чаир, која овозможувала градење незаконски на небезбедни згради со црни пари од нелегални извори“, велат од Град Скопје.
Во реакцијата се посочува и дека некои од лицата кои се појавуваат како сопственици на овие објекти сега се милионери, а официјално се прикажани како градители на зградите уште од пред 5, 6, 10, па и 11 години.