Продажбата на автомобили во државата во 2020 година забележа голем пад. Корона кризата го намали интересот за купување на нови и на стари автомобили. Куповната моќ на граѓаните значително опадна, а старите возилата поскапеа поради царинските давачки кои од 1 јануари се зголемени за 25 отсто. Увозниците на стари возила се жалат на слабата посетеност на автоплацовите и на драстичен пад во продажбата која во 2020 година, во споредба со 2019 година, е намалена за околу 50 отсто. Тие велат дека стандардот на граѓаните е сè понизок и не можат да си дозволат да купат понови автомобили. Најбарани се оние од 2.000 до 3.000 евра, но поради давачките кон државата кои се зголемени за 70 до 80 отсто цената на најевтините автомобили се покачи за најмалку 200 евра.
-Продажбата на половни автомобили е многу опадната. Освен короната, врз падот на продажбата влијаеја и зголемените увозни давачки кои ја зголемија и цената на автомобилите. Најбарани се оние од 2.000 до 3.000 евра, додека поскапите послабо се продаваат. Така ако во 2019 година во просек се продаваа по 10 до 12 автомобили месечно, во 2020 година тој број падна на 5 до 6 продадени автомобили. Дополнителен проблем се зголемените давачки и еколошката такса од 25 отсто, вели Сашо Блажевски, сопственик на автоплацот „Форца„.
Александар Гошевски од „АвтоУно„ вели дека и побарувачката и куповната моќ на граѓаните, поради корона кризата, е многу опадната. Пред короната просечно месечно се продаваа по 12 автомобили, сега таа бројка е намалена на 5 до 6 автомобили.
-Побарувачката за автомобили е намалена за околу 50 отсто, а со воведувањето на новиот данок за емисија на издувни гасови се зголеми и цената на половни автомобили за крајните купувачи. Така, на пример, увозните давачки за „опел корса„ од 2005 година во 2018 година беа 350 евра, сега се зголемени на 520 евра, за „голф„ од 2007 година од 650 евра во 2018 година се зголемени на 1.020 евра. Најголем дел од граѓаните можат да си дозволат автомобил од 2003-та или 2004 година кој чини од 2.000 до 3.000 евра. Но, сега поради поголемите давачки на државата цената на најевтините автомобили е зголемена за најмалку 200 евра, вели Гошевски.
Тој смета дека возилата од категоријата Еуро 4 се сосема доволни за нашиот стандард, бидејќи граѓаните сакаат да возат понови автомобили од 2012-та, 2014 година, но не можат да си ги дозволат.
Според последните статистички податоци просечната старост на автомобилите во Македонија е 19,3 години. Трендот на зголемување на староста започна во 2007 година кога просечната старост изнесувала 15,4 години. Тоа значи дека денес во споредба со 2007 година на улиците во Македонија се возат за 3, 4 години постари автомобили.
(А.С.)