Предизборното ветување на владеачката СДСМ за откуп на стажот за пензионирање ќе почека уште неколку години. Ресорната министерка Шахпаска вели дека пред да се донесе тој закон има други приоритети. Не сакаше да каже дали воопшто е започнато да се работи на најавениот закон за откуп на стаж, но тврди дека до 2024 година законот ќе биде стапен на сила.
– Advertisement –
„Прво треба да се воспостави централен регистар на сите осигуреници во државата. Тоа е многу значајна алака која ќе ја менаџира едно посебно тело, дали ќе биде во склоп на министерството за труд или независно, меѓутоа тоа е најважната рамка која треба да се заокружи. Паралелно со тоа до јуни ќе треба да се донесе новиот Закон за вработување на лица со инвалидност. Па понатаму ќе се движат сите законски решенија кои што се составен дел“, рече Јагода Шахпаска Министерка за труд и социјална политика.
Што се однесува до Законот за задолжително пензионирање на граѓаните на 64 години, министерката се пожали дека законот е заглавен во собранието од страна на опозицијата. Тој е во второ читање, но опозицијата за негово надополнување поднеле околу 500 амандмани. Ставот на Шехпаска е дека тоа е потег само за да се блокира носењето на овој закон. Неофицијалните бројки се дека оваа година треба да се пензионираат 6.000 граѓани, но нема податок колку е точниот број на оние кои решиле да продолжат со работа. Во секој случај, од Пензискиот фонд велат дека новиот закон кој е во процедура нема да претставува голем финансиски товар. Задожителното пензионирање на 64 години нема да важи за вработените од сеторот здравство и високо образование.
Иле Петревски