Со транспаренти неколку десетици граѓани денеска излегоа на протест до Дебар Маало на улицата „Орце Николов“ против сечењето на дрва кое беше направено во текот на оваа недела. Протестот беше во организација на „Зелен хуман град“, здружена иницијатива на 12 организации и активистички групи од Скопје.
На 11. јуни на улицата која е во фаза на реконструкција, беа исечени осум дрвја.
„Ќе побараме да се престане со понатамошно убивање на зеленилото во Скопје, кој е еден од најзагадените градови во Европа. Ќе побараме одговорност од институциите, ќе побараме да ги објават јавно сите документи со кои располагаат и со кои наводно се потврдува дека зеленилото кое овде е уништено било навистина за уништување, ако сакаме да живееме во демократска земја каде што граѓаните навистина се слушаат, каде што се владее навистина во склад со сите напредни принципи, со вклученост на јавноста“, беше кажано на протестот.
Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ, истакна дека дрвјата биле стари и болни, и затоа биле исечени, и дека на нивно место ќе биле посадени нови.